Портфолио

Функционални анализи на центрите за социјална работа и центрите за вакцинација

Со овој проект УНИЦЕФ ја препознава суштинската улога на Центрите за вакцинација и потребата од зајакнување на нивната работа и важност на целата територија на Северна Македонија со цел поефикасно да им служи на граѓаните и да го оптимизира нивното функционирање. Проектот вклучува функционална и финансиска анализа се фокусира на организациската поставеност, распределбата на ресурсите и капацитетот на работната сила на центрите за вакцинација, објавени како препораки за ефективни политики до Министерството за здравство. Понатаму, развиена е анализа на трошоците и придобивките и можностите за финансиска одржливост на службите кои вршат вакцинација, со упатување на иновативни опции, бидејќи обезбедувањето бесплатна универзална примарна здравствена заштита треба да биде достапна за сите, а пред се да биде квалитетна и достапна до детската популација. 

Со надградба на внатрешната организација и систематизирање на работните места во Центрите за социјална работа, проектот придонесува за севкупно подобра испорака на социјалните услуги и социјалната заштита, што на крајот ќе доведе до подобрување на јавните системи одговорни за развојот на човечкиот потенцијал во државата и ефикасна заштита на децата. Со цел да се зајакне квалитетот и покриеноста на услугите низ државата, проектот длабински ги анализира неколку Центри за социјална работа во руралните и во урбаните средини во Северна Македонија, па препораките ќе придонесат за подобрување на работата на сите центри и системот за социјална заштита.

Проектот е спроведен во партнерство меѓу ЕВОЛВ и Центар за управување со промени (ЦУП).
 

Период

01.10.2023 - 29.02.2024

Краен корисник на проектот

Центри за социјална работа, Центри за вакцинација

Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџети

Главната цел на проектот ќе биде да се зајакнат капацитетите на административните службеници за вклучување на родовата перспектива во креирањето на политиките и буџетите преку користењето на алатките за родово одговорно буџетирање (РОБ). Подетално, целта на овој сет на услуги ќе биде да се обучат клучните административни службеници за примената на РОБ алатките во специфичните секторски анализи на програмите и буџетите, развивање на родови индикатори и следење и оценување на ефектите од родово одговорните политики и буџети во целокупниот општествен контекст. Главниот пристап на проектот е трансформативно креирање на политики и финансирање како овозможувачки фактор за имплементирањето на постоечките национални и меѓународни заложби за родова еднаквост и зајакнување на жените. 

Проектот е спроведен во партнерство меѓу ЕВОЛВ и Центар за управување со промени (ЦУП).

Период

16.09.2021 - 30.06.2023

Краен корисник на проектот

државни институции, службеници во институциите на централната власт

Подобрување на организациската структура на патронажната служба

Програмата на УНИЦЕФ во РСМ во периодот 2020-2025 се фокусира на политики релевантни на децата, примарно здравствени, социјална заштита и образование. Овој проект го адресира недостигот од внимание за превентивната и примарната здравствена грижа за граѓаните, додека институциите се фокусираат на градење болници, набавување на скапа опрема и повеќе несоодветни набавки. Придонесот на проектот опфаќа aспекти поврзани со институционална организација и развој на патронажната служба (општински, регионални служби во Здравствените домови/Општи болници со проширена надлежност), развивање на човечкиот капитал, систематизација на работни позиции, опис на работни задачи и компетенции (општи и професионални), како и управување на перформансите и оценка. Подобрено функционирање на Патронажната служба како дел од здравствениот сектор, значајно и индиректно ќе придонесе кон благосостојбата на децата во државата.

Проектот е спроведен во партнерство меѓу ЕВОЛВ и Центар за управување со промени (ЦУП).

Период

01.11.2021 - 01.06.2022

Краен корисник на проектот

Патронажна служба во Здравствените домови/Општи болници со проширена надлежност

Дигитализација на услуги во образовниот сектор

Фокусот на овој проект e дополнително дигитализирање на услугите во образовниот сектор, кои често се користат и можат да имаат поголемо влијание и за корисниците и за МОН како давател на услуги. Проектот опфаќа целосна дигитализација на овие услуги и дава поддршка во реорганизирање на внатрешните процеси во МОН за овие услуги, градење на капацитети на администрацијата во МОН за управување со услугите и нивно унапредување, како и промотивна кампања за мотивирање на релевантните групи на корисници на е-услугите.

Проектот е спроведен во партнерство меѓу ЕВОЛВ и Центар за управување со промени (ЦУП).

Период

01.10.2021 - 31.03.2022

Краен корисник на проектот

Министерство за образование и наука, сите корисници на е-услуги

Поддршка на реформи за управување во Министерството за одбрана на Северна Македонија

Крајниот резултат на проектот е подобрување на ефективноста и ефикасноста на МО преку функционално управување со јавните набавки. Среднорочно и долгорочно, развиениот е-систем за управување со јавни набавки овозможува навремено планирање и подготовка на набавки и успешна имплементација на тендерските постапки со стандардизирани документи, притоа минимизирајќи го ризикот од корупција и судир на интереси. Процесот на јавни набавки кон надвор го презема Бирото за јавни набавки, а овој проект овозможува подобрување на планирањето и координацијата на набавките во Министерството за одбрана.

Проектот е спроведен во партнерство меѓу ЕВОЛВ и Центар за управување со промени (ЦУП).

Период

15.09.2021 - 31.03.2022

Краен корисник на проектот

Министерство за одбрана

Програма за парламентарна поддршка

Програмата за парламентарна поддршка дава поддршка на Собранието на Република Северна Македонија во неговите напори за независност преку градење на консензус, структурни реформи и градење на капацитетите за институционален развој на Собранието, неговата законодавна и надзорна улога, неговата институционална транспарентност и отчетност.

Програмата за парламентарна поддршка е имплементирана од Националниот демократски институт (НДИ), Центарот за управување со промени и Институтот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС) со цел поддршка на стратешкото планирање на Собранието; реформите на системот за управување со човечки ресурси; подобрување на проценката на влијание на регулативата и процесите за јавни набавки; заложбите за отворени податоци и преку мерење на јавното мислење и мониторирање на реформските напори, вклучително и поголемо учество на јавноста во процесите на креирање политики.

Во поддршка на наведените реформи, ЕВОЛВ ги спроведе анализите и изработката на документите кои се однесуваат на унапредување на етиката во Собранието и воспоставување парламентарен календар.

Период

01.07.2018 - 31.12.2020

Краен корисник на проектот

Собрание на Република Северна Македонија